Ослободувањето на Крушево
Во приквечерието на востанието, крушевските востаници се собрале во Беринската Корија, чекајќи ја наредбата за напад на градот.
Горскиот штаб на Крушевскиот востанички реон, предводен од Никола Карев, концентрирал околу 800 востаници за ослободување на Крушево. По изработениот план, ноќта на 2 август 1903 година започнал нападот врз градот.
Питу Гули со околу 100 востаници ја зазел позицијата кај Мечкин Камен. Другите одреди ги зазеле пристапите кон градот и ги нападнале касарната, жандармериското здание и останатите воени објекти.
По жестоки борби, на 3 август 1903 година Крушево било ослободено од османлиската власт.
Создавање на Крушевската Република
По ослободувањето на градот била воспоставена македонска револуционерно-демократска власт.
Од претставници на сите народности во градот бил формиран Совет на Републиката составен од 60 членови – по 20 од секоја заедница. Од својата средина Советот избрал Привремена влада од шест члена, по двајца од секоја народност.
За претседател бил избран Вангел Дину.
Владата била организирана во шест сектори:
- Полициски
- Судски
- Финансиски
- Реквизиционен
- Интендантски
- Здравствен
Во Крушево била формирана и болница со која раководеле д-р Димко и д-р Батал.
Крушевскиот манифест
На 6 август 1903 година Реонскиот штаб издал Прокламација, позната како Крушевски манифест.
Со него било упатено обраќање до муслиманското население во Крушевската околија со повик за заедничка борба за слобода и братство во заедничката татковина Македонија.
Манифестот претставува еден од најзначајните документи на Илинденското востание.
Нападот на османлиската војска
За задушување на востанието Османлиската империја испратила голема воена сила под команда на Бахтијар-паша.
Околу 18.000 војници, потпомогнати со артилерија, го опколиле Крушево од сите страни.
Наспроти нив стоеле околу 1.200 востаници.
На 12 август започнал решавачкиот напад врз градот.
Битката кај Мечкин Камен
Најжестоките борби се воделе кај месноста Мечкин Камен.
Питу Гули со својата чета од околу 100 востаници давал отпор на повеќекратно побројна османлиска војска.
И покрај наредбата за повлекување, тој останал на положбата и се борел до последниот момент.
Во битката херојски загинале Питу Гули, знаменосците Ѓорши Димев и Нове Смугрев, како и голем број востаници.
Падот на Републиката
По навлегувањето во градот, османлиската војска извршила жестоки репресалии врз населението.
Биле запалени околу 200 куќи и 200 дуќани, а населението било изложено на грабежи, насилства и убиства.
Со падот на Крушево на 12 август 1903 година завршило постоењето на Крушевската Република.
Историско значење
Крушевската Република претставува најзначајната политичка и државотворна придобивка на Илинденското востание.
Иако постоела само десет дена, таа останала симбол на стремежот на македонскиот народ кон слобода, самоуправа и сопствена држава.