
Крсто Лазаров е роден во 1881 година во селото Коњух, Кумановско. Заедно со мајка му и еден од своите браќа се преселил во Куманово.
По Виничката афера избегал во Ќустендил, а потоа во Софија кај својот постар брат. Во 1900 година за првпат влегол вооружен во Македонија како четник во четата на капетан Јордан Стојанов.
Подоцна го напуштил Врховниот македонско-одрински комитет и се приклучил кон четата на Никола Пушкаров. Заедно со четите на кратовскиот војвода Дончо Берберчето и велешкиот војвода Петар Константинов дејствувал во Македонија. За време на Илинденското востание главна задача на нивната група била минирање на железничката линија Скопје – Велес кај селото Новачани, при што воделе повеќе борби со турскиот аскер.
По востанието бил четник во четите на Михаил Чаков и Коста Нунков во Кумановско. Во 1905 година го ликвидирал водачот на српската пропаганда во Куманово. До 1907 година бил кумановски околиски војвода и дејствувал со чета од осум души.
По Младотурскиот преврат бил легализиран и останал во Македонија од 16 јули 1908 година до Божик 1909 година, кога заминал во Бугарија. Потоа повторно се вратил во Македонија, формирал чета и водел успешни борби против српската пропаганда.
Учествувал во Балканските војни и во Првата светска војна. Во 1922 година со своја чета повторно го обиколувал Кумановско, но по јули 1924 година, поради засилената контрола на границата, преминувањето во Македонија станало многу потешко.
По 1941 година се вратил во родниот крај. По воспоставувањето на комунистичката власт во ноември 1944 година бил уапсен. На 14 јануари 1945 година комунистичките власти го осудиле на смрт како соработник на бугарскиот окупатор. Истиот ден, заедно со уште 47 лица, исчезнал без трага.