
Константина Бојаџиева – Русинска е родена во Охрид во 1880 година. Основното образование го завршила во родниот град, а гимназиското во Бугарија. По завршувањето на образованието работела како учителка во Охрид.
Зела активно учество во македонското национално-ослободително движење. Од Револуционерниот комитет била задолжена да ги организира жените во Охрид за помош и учество во револуционерното дело и во подготовките за Илинденското востание. Претставувала пример за улогата и придонесот на жената Македонка во борбата за слобода.
Од 1901 до крајот на 1903 година била на чело на друштвото „Успение на Богородица“ – женска организација на ВМОРО во Охрид. Заедно со Поликсена Мосинова, Василка Размова и Клио Самарџиева го изработила познатото охридско востаничко знаме.
Во 1902 година се запознала со Никола Русински. По Илинденското востание двајцата емигрирале во Бугарија, каде што таа работела како учителка во селото Скравена. На 4 април 1904 година стапила во брак со Никола Русински, со кого имала три деца.
За време на Првата светска војна, заедно со својот сопруг престојувала во Русиново, неговото родно место, а од 1915 до 1918 година работела како учителка во Берово.
По војната ја поддржувала левицата во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. По забраната на Комунистичката партија со т.н. Обзнана, на 27 февруари 1921 година емигрирала во Бугарија и се населила во Ќустендил.
Починала од пневмонија во Софија во 1932 година.