Кирил Прличев

Кирил Прличев е син на Григор Ставрев Прличев и Анастасија Узунова, сестра на војводата Христо Узунов. Роден е во Охрид на 1 март 1875 година.

Основното образование го завршил во родниот град, а потоа школувањето го продолжил во Солунската егзархиска гимназија. Во 1895 година се приклучил кон Врховниот македонско-одрински комитет. Во тој период член на Врховниот комитет бил и Јане Сандански.

Во 1896 година учествувал како делегат на конгресот на ВМРО во Солун, а во 1901 година станал член на Централниот комитет на ВМРО во Солун. За време на Илинденското востание учествувал како војвода во обединетите чети под раководство на Христо Чернопеев.

По Хуриетот во 1908 година бил еден од создавачите на легалниот „Сојуз на бугарските конституциони клубови“ во Турција и припаѓал на десно-конзервативната струја во ВМРО, предводена од Христо Матов и Тодор Александров.

Во три наврати бил секретар на Задграничното претставништво на ВМРО:

  • од 1902 година, под раководство на Гоце Делчев и Ѓорче Петров;
  • од 1903 до 1905 година, под раководство на Христо Матов и Христо Татарчев;
  • од 1915 до 1921 година, под раководство на Тодор Александров и Александар Протогеров.

Од 1921 до 1931 година бил задграничен претставник на ВМРО.

По воспоставувањето на бугарската власт во Македонија во 1941 година се вратил во Охрид, каде што бил директор на Охридскиот музеј.

Автор е на неколку книги, редактор на повеќе списанија и преведувач од француски, германски, грчки и латински јазик. Преведувал дела од Волтер, Карл Маркс, Карл Кауцки, Ц. Милс, Георг Брандес, Густав Жулуи и други автори.

Починал во Охрид на 9 февруари 1944 година и бил погребан во гробот на својот татко во црквата „Св. Богородица Перивлепта“.