Дине Абдурахманов Кљусов

Роден е во с. Петеле (денес Агиос Пантелејмонас), Леринско. Во редовите на Организацијата влегол уште во 1896 година и станал раководител на месниот револуционерен комитет во Петеле.

Во 1902 година се наоѓал во четата на војводата Марко Лерински, со кого бил близок пријател. На 26 јули 1902 година четата влегла во родното село на Д. Абдурахманов за да ги казни предавниците на Организацијата. Четата била предадена и опколена од турската војска.

Во борбата загинал војводата М. Лерински, а четниците се повлекле. Дине одбил да се повлече и се барикадирал во својата куќа. Турците, користејќи ги како жив штит и обидувајќи се да го принудат да се предаде, ги довеле неговата сопруга, ќерка, сестра и вујко. Тој одбил да се предаде и продолжил да пука, при што ги усмртил своите најблиски роднини.

На шестиот ден, кога му се потрошиле патроните, се втурнал во јуриш и загинал. Тоа било точно една година пред почетокот на славниот Илинден, на 2 август 1902 година.