Дедо Илија Крчовалијата (1856–1918)

Роден е во с. Крчово, Демирхисарско, во 1856 година. За време на Кресненско-Разлошкото востание бил четник во четата на Стојан Карастоилов. Ајдутувал низ Македонија до појавата на ВМОРО, а во 1897 година, по наговор на Гоце Делчев, се вклучил во нејзините редови и раководел со чета во Серско и Демирхисарско.

Од 1899 година бил војвода во Неврокопско, а од 1902 година демирхисарски околиски војвода. Во летото 1903 година бил делегат од Демирхисарско на Конгресот на Серскиот револуционерен округ.

За време на Илинденското востание дејствувал во родниот крај заедно со Јане Сандански.

По Илинденското востание се изјаснил против Сандански и бил отстранет од округот. Од 1906 до 1908 година бил определен за пунктов началник на ВМОРО во с. Рила.

По Хуриетот се легализирал и се вратил во Крчово, но во 1909 година бил уапсен и осуден на доживотен затвор поради подготовка на атентат врз Јане Сандански. Во 1911 година бил амнестиран.

За учеството во Балканската војна во 1912 година бил одликуван со Орден на честа.

Починал во Крчово во 1918 година.