Георги Баждаров

Роден е на 8 февруари 1881 година во с. Горно Броди, Серско. Се школувал во Солунската машка гимназија (1896–1899) и во Битолската гимназија (1899–1900). Од 1900 до 1901 година учителствувал во Крушево, Демирхисарско и бил член на Демирхисарскиот околиски револуционерен комитет.

По 1901 година бил четник во четата на Јане Сандански. Од 1902 до октомври 1903 година бил секретар во четата на Дедо Илија Крчовалијата, а потоа дејствувал во четата на Атанас Тешовалијата. Во летото 1903 година бил делегат од Серскиот револуционерен округ на Серскиот окружен конгрес и зел активно учество во Илинденското востание.

По Востанието емигрирал во Бугарија, каде што завршил историја и географија на Софискиот универзитет.

По Првата светска војна бил избран за член на Задграничното претставништво на ВМРО. Во 1925 година, на Шестиот конгрес на ВМРО во с. Србиново, заедно со Наум Томалевски и Кирил Прличев бил реизбран на истата должност.

Од 1919 до 1923 година бил главен уредник на весникот „Македонија“ и на списанието „Македонски поглед“. Бил еден од основачите на Македонскиот научен институт.

Станал жртва на меѓусебните борби во ВМРО. Како приврзаник на протогеровистичкото крило, бил убиен на 19 септември 1929 година во Варна.