
Роден е на 15 јануари 1875 година во селото Селце, Дебарска Жупа.
Неговиот татко бил свештеник, кој уште во 1890 година се преселил во Бугарија. Основното образование го завршил во родниот крај и во Охрид, а средното во Солун и Софија. Студирал право во Швајцарија, но не ги завршил студиите.
Во учебната 1897/98 година бил учител во селото Могила, Битолско, каде што се вклучил во дејноста на ВМРО.
Во Софија го организирал кружокот „Македонски зговор“, во кој се подготвувале и изведувале театарски претстави. Во 1901 година го формирал театарот „Скрб и утеха“, со кој приредувал претстави во Бугарија, Македонија и Белград. Во Македонија (Скопје, Битола и Солун) настапувал во 1909 година, во времето на Хуриетот.
Најпознато негово драмско дело е трагедијата „Македонска крвава свадба“, првпат изведена во Софија во 1900 година. Автор е и на драмите „Дрвари“, „Зло за зло“, „Робот на агата“, „Од главата си патиме“, „Духот на слободата“, „Слав Драгота“, „Средба“ (во стихови, посветена на Гоце Делчев), „Мајстори“, „На Нова година“ и други.
Војдан Чернодрински се смета за еден од основоположниците на современата македонска драмска литература и театар.
Умира во Софија на 8 јануари 1951 година.