Илинденското востание започнало на 2 август 1903 година, на ден Илинден. Востанието се проширило на најголемиот дел од Македонија, но со најсилен интензитет се изразило во Битолскиот револуционерен округ.
Согласно плановите за дејство на горските штабови, востаничките единици ги напаѓале воените објекти, силите на османлиската регуларна армија и башибозукот во сите реони на востаничката територија.
Почеток на востанието
По започнувањето на востаничките борби, Централниот комитет на Внатрешната организација, преку Задграничното претставништво, им предал на владите на Големите сили Декларација со која ги известил за причините што ја натерале Организацијата да го крене востанието.
Истовремено било испратено и писмо од Главниот штаб до директорот на Источните железници во Македонија, со седиште во Скопје.
Првите акции на востаниците се состоеле од напади врз беговските кули и поседи, прекинување на телефонските и телеграфските линии, рушење патни комуникации и напади врз месните гарнизони.
Ослободени територии и револуционерна власт
Целта на востаниците не била само рушење на објектите што го олицетворувале османлискиот систем, туку и освојување територии, ослободување населени места и создавање нова револуционерна власт.
Најречит пример за тоа претставува ослободувањето на Крушево.
Горскиот штаб на Крушевскиот востанички реон, на чело со Никола Карев, концентрирал околу 800 востаници за напад врз градот. По повеќечасовни борби, на 2 август Крушево било ослободено.
Османлиската власт била елиминирана, а во градот била воспоставена македонска револуционерно-демократска власт. Така била прогласена Крушевската Република, со сите атрибути на држава во создавање.
На тој начин започнал да се остварува идеалот на поробениот македонски народ – ослободување и создавање сопствена македонска држава.
Востанието во Битолскиот револуционерен округ
Најмасовно востанието се развило во Битолскиот револуционерен округ.
Во Костурскиот револуционерен реон востаничките акции биле особено силни во Пополе, Корешта и Клисурско.
На 4 август востаниците го зазеле гратчето Клисура и го држеле во свои раце до 27 август.
На 12 август востанички одред од околу 700 души го освоил гратчето Невеска. И таму, како и во Крушево, била формирана револуционерна власт, што претставувало уште еден израз на државотворните стремежи на македонскиот народ.
Леринско, Охридско, Кичевско и Прилепско
Во Леринската околија востанички одред од околу 2.000 борци на 2 август ја нападнал железничката линија кај Екши-Су и целосно ја разрушил. Во текот на борбите бил ослободен западниот планински дел на Леринско.
Во Охридската околија најсилните востанички акции се развиле во Малесија, Горна и Долна Дебарца и во Ортакол. Борбите траеле околу два и пол месеци. Особено значајна била борбата во планинскиот предел Рашанец, каде бил организиран збег за избеганото население.
Во Кичевскиот реон востаниците на 2 август го опседнале градот Кичево, но градот не бил преземен. И таму биле формирани збегови, од кои првиот бил во Копачка.
Во Прилепскиот револуционерен реон биле изведени акции со прекинување на телефонските врски Прилеп–Битола и Прилеп–Велес, како и со рушење мостови на патиштата кон Градско, Кичево, Крушево и Велес.
Биле нападнати беговски кули, чифлици и турски гарнизони. Најголема била битката кај мариовското село Чаништа, водена со здружени сили на Прилепската и Костурската чета.
Востаничките акции во другите окрузи
Додека во Битолскиот револуционерен округ се водело масовно вооружено востание, во останатите револуционерни окрузи – Солунскиот, Серскиот, Скопскиот и Одринскиот – поради неподготвеност било решено да не се крева општо востание, туку борбено да се активираат постојните вооружени чети.
Во Солунскиот округ биле извршени седум напади врз железничките линии Солун–Скопје и Солун–Битола. Особено страдале железничките мостови на Вардар. До остри судири дошло во Ениџевардарско и Тиквешко.
Во Серскиот округ било решено востанието да започне на 14 септември. Акциите требало да имаат партизански карактер и да се изведуваат далеку од населените места. До поголеми судири дошло во Демирхисарско, Мелничко, Неврокопско, Разлошко и Горноџумајско.
Во Скопскиот округ востаничките акции имале помал интензитет. Бил извршен напад врз железничката линија во близина на Велес, а поостри судири имало во Кочанско и Кратовско.
Со задоцнување биле организирани и востанички акции во Одринскиот револуционерен округ.
Османлиската контраофанзива
Во сите револуционерни окрузи биле преземани диверзантски акции и била создадена состојба на општо востание во Македонија. Сепак, во деловите надвор од Битолскиот округ акциите имале ограничено дејство.
Недостигот на единствено централно воено-востаничко раководство и овозможил на османлиската влада да префрлува воени единици и да концентрира огромни сили против востаничките територии.
Османлиската војска во Македонија броела:
- 167.000 пешадија;
- 3.700 коњаници;
- 444 топови.
Покрај регуларната војска, бил мобилизиран и башибозукот, составен од фанатизирани муслимани.
Првата задача на оваа огромна сила била да ги изолира и уништи востаничките жаришта.
Меморандумот до Големите сили
На 12 август 1903 година Главниот востанички штаб, преку Информационото биро, им предал Меморандум на дипломатските претставници на Големите сили.
Со него било протестирано против варварското однесување на турската војска и против масакрите што таа ги вршела врз неборечкото македонско население.
Во Битолскиот округ првата цел на ударот било Смилево, потоа Крушево и останатите слободни територии.
По Крушево, османлиската војска систематски, со тешки борби, ги ликвидирала и другите востанички центри.
Односот на Големите сили и балканските држави
Големите европски сили, водени од свои интереси на Балканот, биле единствени во определбата да се зачува постојната состојба во Македонија и територијалниот интегритет на Османлиската Империја.
Затоа и дозволиле на османлиската влада со сите средства да го задуши востанието и да го врати редот во Македонија.
Соседните балкански држави исто така биле исплашени од масовноста и продолжителноста на востанието. Неговиот успех би значел удар врз нивните аспирации кон Македонија.
Во такви услови, востаничкото раководство не можело да обезбеди доволно сили за одбрана на широк простор, ниту да преземе поголеми офанзивни акции.
Запирање на востаничката борба
По повеќемесечни жестоки и исцрпувачки борби, Главниот штаб на Востанието ја проценил внатрешната состојба во Македонија и нејзината меѓународна положба.
За да се поштеди народот од натамошни погроми и економско уништување, како и да се зачуваат силите и кадрите на Организацијата, било решено востаничката борба да се запре.
Главниот штаб констатирал дека народот масовно се кренал под револуционерното знаме и до крај останал единствен и опасен за непријателот.
На 12 декември 1903 година Главниот штаб со директивно писмо ги известил реонските началства и војводите дека престанува функционирањето на горските штабови и на сите востанички воени органи.
Раководењето во Македонија повторно го презеле револуционерните комитети на ВМРО, која останала верна на своите цели и продолжила да дејствува според старата програма.
На 25 декември 1903 година Главниот востанички штаб донел решение за престанок на своето функционирање, односно се самораспуштил.
Раководни дејци по востанието
По распуштањето на штабовите, дел од раководните кадри останале во земјата за да ја делат судбината на народот.
Меѓу нив биле:
- Дамјан Груев;
- Пере Тошев;
- Ѓорче Петров;
- Христо Узунов;
- Ѓорѓи Сугарев;
- Лазар Поп Трајков;
- Петар Ацев;
- Павел Христов;
- и други.
Последици од востанието
Во текот на Илинденското востание настрадале:
- 201 населено место;
- 12.400 изгорени куќи;
- 70.836 лица останале без покрив над главата;
- над 30.000 лица избегале;
- 8.816 лица биле убиени, од кои 994 востаници.
Историско значење
Илинденското востание, организирано и изведено од Внатрешната македонска револуционерна организација, претставува еден од најзначајните настани во македонската национална историја.
Тоа длабоко се врежало во свеста на македонскиот народ и го определило неговиот понатамошен историски пат.
Илинденскиот идеал за национално ослободување и создавање сопствена држава останал трајна цел на македонскиот народ.
Името на ВМРО по востанието станало легендарно и започнало да ја симболизира борбата за слобода, самостојност и независна македонска држава.
Во постојните внатрешни и меѓународни услови, како и во состојбата на Организацијата по загинувањето на Гоце Делчев, со Илинденското востание објективно не можело да се постигне повеќе. Но востанието останало „голем акт“ што го поставил македонскиот народ во редот на народите достојни за слобода.
Извор: (ќе се додаде подоцна).
Поврзани написи: (ќе се додадат подоцна).